Македонија

Вработените во Министерството за култура повторно на протест

27.03.2023 12:01

Вработените во Министерството за култура, Агенцијата за филм и Управата за заштита на културното наследство на нов протест пред Министерството за финансии за повисоки плати и потпишување на колективен договор. Велат дека нивните примања се најниски во јавниот сектор и бараат итна средба со министерот Бесими. Од синдикатот на УПОЗ предупредуваат дека ако не се зголемат примањата, дел од вработените веќе имаат понуди за работи и можно е да заминат во приватниот сектор...

Со плата од 25.000 денари, месецот не може да се истурка. Вработените во Министерството за култура на новиот протест пред финансии побараа повисоки плати и потпишување колективен договор. Револтирани од негрижата на власта, упатија барање за нова средба со министерот Бесими – да се зголемат нивните примања според примерот на вработените во финансии, велат од синдикалната организација при Министерството за култура.

Платите на вработените во дејноста култура не се зголемени од 2017 и не се усогласени со последното покачување, тврди претседателот на УПОЗ Трпе Дејановски. Доколку не се реши проблемот, предупреди дека Министерството за култура, Агенцијата за филм и Управата за заштита на културното наследство ќе останат без вработени.

Ова е втор протест на вработените од овие три институции. Доколку не се исполнат нивните барања, најавуваат нови собири пред Владата. Според синдикалната организација, 70 насто од работниците од културата примаат плата пониска од просечната во земјава.

 

 

Викторија Милевска