Овчите сипаници и коксаки вирусот ги празнат занималните и училниците
Варичелата или овчите сипаници и коксакито се шират во градинките и училиштата. Заразата брзо се шири, но за среќа со полесна клиничка слика. Епидемиологот Олумчев смета дека она за што треба да се стави акцент во моментот се морбилите. Не само кај нас и во опкружувањето имунизацијата е на ниско ниво. Искуството покажува дека и во високо развиените земји можат многу брзо да се вратат заборавените болести...

Варичелата или овчите сипаници и коксаки вирусот ги празнат занималните и училниците. Може да се заразат и до 50 насто од децата од една група. Иако се високозаразни, поминуваат со полесна клиничка слика, вели епидемиологот Олумчев.
„Тоа е природен процес и ќе помине. Можеби ќе имаме поголеми бројки оваа година, но следната ќе имаме еден природен колективен имунитет и можеби после толку години ќе се врати сезоната на овчите сипаници која ќе се јавува само во зимските месеци и ќе се јавува кај одредена возрасна група, во предучилишната и училишната возраст и ќе си поминува со минорни симптоми. Коксаките тука исто се присутни, но преносот е различен, тие се во групата на вируси кои се пренесуваат преку нечисти раце“, изјави епидемиологот д-р Сашко Олумчев.
Епидемиологот Олумчев смета дека сега треба да се стави акцент на морбилите. Имунизацијата е на ниско ниво, не само кај нас туку и во соседството. Во Македонија просекот на вакцинацијата е околу 60 проценти, во Србија 50, а во Црна Гора е 30 насто.
„Вакцинацијата е најдобар начин да се заштитат децата, особено од малите сипаници и од туберкулозата, која исто е актуелна во овој момент. Додека не го зголемиме опфатот на вакцинација со МРП вакцината, можеме да очекуваме дека повторно ќе ни се случи зголемен број на индивидуи заразени со мали сипаници, особено кај малата популација која е доста осетлива. Кај овие болести имаме сериозни компликации, кои не би сакал да ни се случуваат“, нагласува д-р Олумчев.
Искуството покажува дека и во високо развиените земји можат да се вратат искоренетите болести. Во Шведска не се имунизирало против туберкулоза, но со бранот на мигрантите, болеста се раширила. Полиовирусите, кои се предизвикувачи на детската парализа, лани се проширија во Англија и во некои западноевропски земји.
Наташа Јанчиќ-Менковски
