Три години во НАТО, земјава ја поддржува политиката на отворени врати
Македонија одбележува три години од членството во НАТО. Со „НАТО појадок“ во земјава почна одбележувањето на тригодишнината од членството во Алијансата...

Најновата земја членка на НАТО, Северна Македонија одбележува три години од приемот во Алијансата. Земјата стана доверлив партнер на сојузниците и е фактор за безбедност во регионот и во меѓународните сили предводени од НАТО. За овие три години, придонесуваше во хуманитарното згрижување на Авганистанците по повлекувањето на НАТО силите, а во моментов покрај другите мисии на Европската унија и Обединетите Нации, учествува во зајакнувањето на источното крило на Алијансата во Латвија, Бугарија и Романија поради руската агресија врз Украина. По тој повод министерот за надворешни работи, Османи приреди појадок со амбасадорите на земјите членки.
Земјава стана цел на кибернетички напади поради членството во НАТО, кои зачестија по руската агресија врз Украина. Македонската влада е и меѓу донаторите на оружје за одбрана на Украина.
Заедно ќе постигнеме повеќе, а до крајот на 2024-та, Северна Македонија ќе го исполни прагот за воен буџет од 2 насто од БДП, истакна шефот на дипломатијата Османи. Додаде дека Македонија ја поддржува политиката на отворена врата за нови земји членки во НАТО и во ЕУ, со што ќе се зголеми безбедноста во Евроатлантскиот Регион. Како претседавач со ОБСЕ ќе продолжи да работи на враќање на мирот во Европа и добрососедски односи во регионот.
Ирина Гелевска
