Промоција на книга за Ѓорѓи Доневски-доајенот во зачувувањето на фолклорното творештво од Егејска Македонија
Книгата на проф. д-р Наташа Диденко е прво монографско претставување на придонесот на Ѓорѓи Доневски во откривањето, запишувањето, негувањето и презентирањето на богатото фолклорно творештво на Македонците од Егејскиот дел на Македонија.

На 3-ти април во Културно информативниот центар – Скопје (Салон 19 19) ќе се одржи промоција на книгата „Ѓорѓи Доневски-доајен во зачувувањето на фолклорното творештво од Егејска Македонија“ од проф. д-р Наташа Диденко, виш научен соработник при Институтот за национална историја – Скопје.
Рецензенти и промотори на книгата ќе бидат проф. д-р Билјана Ристовска-Јосифовска и Мишо Китановски.
Книгата на проф. д-р Наташа Диденко е прво монографско претставување на придонесот на Ѓорѓи Доневски во откривањето, запишувањето, негувањето и презентирањето на богатото фолклорно творештво на Македонците од Егејскиот дел на Македонија.
Авторката на книгата ни открива дека творечкиот истражувачки потфат на Ѓорѓи Доневски кој го започнал во 70-тите години на 20 век е од исклучително значење за македонската фолклористика, етномузикологија и културна историја, бидејќи на македонската научна и стручна јавност за прв пат и ја открива вредноста и автентичноста на ова неизмерно богато музичко и фолклорно наследство на македонскиот народ. Резултат на неговата огромна истрајност, посветеност и педантност во етнографското истражување на народното музичко творештво од Егејскиот дел на Македонија е збирката прекрасни песни „Сокол ми лета високо“ во кои се вбројуваат и песните: „Твоите очи Лено мори“, „Бело лице љубам јас“, „Тивко Мирка си заспала“, „Огреала месечина“, „Чупче од онака“, „Сокол ми лета високо“ и низа други песни што и денес се пеат од бројни групи и изведувачи. Ѓорѓи Доневски бил иницијатор и главен двигател на во развојот и дејноста на КУД „Гоце Делчев“, каде за прв пат биле поставени и изведувани песни и ора од Егејскиот дел на Македонија како и на женските вокални групи „Бапчорки“, „Воденки“, „Мегленки“ и „Сирма“.
