„До Балчек“ на Попов е готов, премиера во септември

08.05.2014 15:32

Филмот на режисерот Столе Попов „До Балчак“, со поднаслов Македонска Приказна, е завршен. Премиерата се очекува во септември. На 20-ти мај ќе биде прикажан пред дистрибутери на филмскиот маркет на фестивалот во кан, заедно со филмот на режисерот Антонио Митриќески „Деца на Сонцето“...

Ова е филм кој на најкомплексен начин, пред се човечки, го вклучува менталитетот, психологијата, историјата, спецификите, ја одразува македонската кауза и исконската желба и потреба за слобода и независнот, но, на еден непатетичен начин - вака режисерот Столе Попов го опишува своето ново ремек дело, филмот чија одисеја почнала пред повеќе од 20 години. Тогаш тој и Горан Стефановски почнале да го пишуваат текстот, за денес да ги презентираат резултатите.

„Тука сум апсолутно задоволен од филмот и истиот е на ниво на моите претходни филмови“, вели режисерот Столе Попов.

Постпродукцијата е на компанијата Fx3x, која работи и за светскиот пазар и има околу 150 млади креативци. Еден од сопствениците вели дека задоволството е поголемо кога работат на македонски филмови.

„Секогаш ќе помогнеме колку што можеме овие наши производи да бидат што посовремени“, изјави Миливој Ѓорѓевиќ од компанијата Fx3x.

Министерката Канческа вели дека оваа година, како никогаш досега, има четири готови филмови, кои ќе се промовираат на повеќе фестивали.

„Ќе се продолжи и со поддршка и на други филмови на конкурсите и ќе се пласираат што повеќе на самите фестивали и маркети“, нагласи министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска.

Премиерата на филмот „До Балчак“ се очекува во септември.

 

Александра Перевска