Научната елита препорачува проблемите да се решаваат со толеранција
Меѓусобното почитување и толеранцијата меѓу народите е основното начело на европското семејство...

Да се почитуваат правата на самоопределување, сопствен јазик, име, нација е прашање на толеранција, смета првиот човек на Европската академија на науките. Од Скопје порача дека решавањето на проблемот со името треба да се гледа низ призмата на иднината, не потпирајќи се на негативните текови на историјата. За европската научна мисла нема дилеми.
„Кај нас во Европската Академија, кога ја гледате листата на кандидати таму пишува само Македонија. Денеска имав добар разговор со претседателот на Македонската академија на науките, и нашата соработка ја ословуваме само со Македонија. Кога е некој официјално поканет, како што беше случајот со претседателот Иванов пред две години, секако поканата беше потпишана со Претседател на Република Македонија“, истакна претседателот на Европската академија, Феликс Унгер.
Во смисла на толеранцијата, првиот човек на МАНУ, Камбовски ги гледа проектите на македонската и бугарската академија за заедничкото чествување на денот на сесловенските просветители- светите Кирил и Методиј. Не помалку и со српската и другите академии.
„Треба да се упатат токму ваквите пораки, на соработка, пријателство, разбирање, што е единствен начин да се решаваат проблемите кои се натрупани, не само во науката, туку и се рефлектираат во односите меѓу народите, луѓето, државите“, изјави претседателот на МАНУ, Владо Камбовски.
Европскиот ден се прославува низ сите земји членки и кандидатки за влез во Унијата.
Фиљана Кока
