Расте извозот од економските зони
Освен што се покажаа како главни двигатели на извозот, странските компании придонесоа и за промена на неговата структура...

Раст од 80 отсто на извозот од слободните економски зони во првите четири месеци од годинава во споредба со лани. Властите објавија- само во април има зголемување на извозот од околу 100 милиони евра што е историски најголем извоз на индустриски производи досега.
„Зголемувањето на извозот најмногу се должи на странските инвестиции, кои не само што помогнаа во раздвижување на економијата и намалување на невработеноста, туку ја променија и структурата на извозот“, вели Виктор Мизо, директор на ТИРЗ.
Освен што се покажаа како главни двигатели на извозот, странските компании придонесоа и за промена на неговата структура.
„Тоа покажува дека има потенцијал да не се произведува базична индустрија туку и поголема додадена вредност“, изјави министерот за финансии Зоран Ставрески.
Вкупниот извоз во државата во првите три месеци според Државниот завод за статистика бележи раст од 17 отсто. Според експертите, податоците ја отсликуваат подобрената слика на стопанството од почетокот на годинава.
„Растечкиот извоз покажува тенденција на замирање на кризниот период во македонската економија и податоците потврдуваат дека и нашите стопанственивци се ослободиле од стегите на кризата и пронашле нови пазари, посебно за Западна Европа“, смета Томе Неновски, универзитетскиот професор и економски експерт.
И Ставрески и Мизо се согласни дека во следните две години фирмите што работат во зоните ќе придонесуваат со повеќе од една третина во вкупниот извоз од државата,
Соња Јованова- Наумовска
