Кичево

Населбата „Солунска“ во Кичево како депонија

28.03.2023 09:49

Населбата „Солунска“ во Кичево затрупана со отпад. Наместо на населено место, наликува на депонија. Жителите покрај загадената околина и смрдеа, секојдневно стравуваат од поплави, бидејќи и коритото на реката е затрупано со отпад. Бараат надлежните да преземат мерки за расчистување...

Населбата „Солунска“ во Кичево како дива депонија. На сите страни расфрлан отпад, од пластика, стар мебел до градежен шут. Коритото на реката која минува низ населбата е потполно затрупано со ѓубре. Жителите, покрај смрдеата и загадената околина, стравуваат од поплави, велат при поголеми дождови водата им надоаѓа во дворовите.

„Сета смрдеа сето ѓубре, се фрла овде вака. Некни кога фатија дождовите преку река, преку мост, водата надојде, бандерата е тука, недај Боже да ја однесе бандерата па цела населба ќе нè запали“, раскажува жителка на Солунска населба Кичево.

Жителите велат, постојано бараат од општината и комуналното претпријатие да се расчистат депониите и коритото на реката, но не наишле на слух.

„Бев и во општина и во полиција и кај правобранителот, секаде поднеси документи, барање. Поднесов и барање, одговор добив само од полиција дека не била надлежност нивна. Била надлежност на општината и „Комуналец“ а таму никој нејќе да ме чуе“, раскажува жителка на Солунска населба Кичево.

Од ЈКП „Комуналец“ Кичево велат во план е да се расчистат депониите во населбата.

„Го правиме невозможното за да ги исчистиме сите населени места, а во периодот што следи имаме план за расчистување и на споменатата населба. Постојано чистиме, но после неколку месеци пак се создаваат депонии бидејќи граѓаните фрлаат отпад насекаде“, велат од ЈКП „Комуналец“.

Жителите бараат што поскоро да се исчисти коритото на реката, пред да се случат штети од поплави.

 

Соња Рилковска