Судската реформа одложена, протестите продолжуваат
„Не смее да има граѓанска војна“- израелскиот премиер го одложи усвојувањето на судската реформа. Организаторите обвинуваат – Нетанјаху купува време, протестите продолжуваат. Опозицијата подготвена за вистински и фер дијалог со владата. Вашингтон загрижен, будно ја следи ситуацијата...

Протестите во Израел продолжуваат сè додека не биде запрено усвојувањето на „Законот за диктатура“ – најавија организаторите, откако премиерот Нетанјаху изјави дека ќе го одложи усвојувањето на законот до јули за да избегне граѓанска војна.
„Не смее да има граѓанска војна. Поради чувството на национална одговорност за да спречам раздор меѓу нашиот народ, решив да го запрам второто и третото читање на законот“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Во изјавата на Нетанјаху и натаму не се открива, дали ќе има и суштински отстапки во реформата, или е игра на време. Најави дека ќе бара разговори со опозицијата за да обезбеди помногубројно мнозинство за реформата.
„Ако Нетанјаху се обиде да нè измами, ќе наиде на многу патриоти решени да се борат за демократијата. Доколку владата е подготвена за вистински и фер дијалог, тогаш можеме да излеземе од оваа длабока дупка зајакнати и обединети и да го направиме овој момент значаен во нашиот заеднички живот. Должни сме заедно да ја решиме кризата за да можеме и заеднички да живееме овде“, изјави Јаир Лапид, лидер на израелската опозиција.
Вашингтон загрижен за ситуацијата. Бараат компромис меѓу израелската влада и опозицијата, бидејќи како што велат, тоа е најдобриот пат Израел да продолжи напред.
„Демократските општества се зајакнуваат со проверки и рамнотежи, а фундаменталните промени во демократскиот систем треба да се следат со најширока база на поддршка од народот“, изјави Ведант Пател, заменик портпарол на Стејт департментот на САД.
За демонстрантите одлуката е купување на време и знак дека власта ќе ги донесе законите на следната парламентарна седница. Најавија дека ќе ги интензивираат своите напори и во наредните денови ќе протестираат низ државата и пред домовите на министрите, а во сабота масовно ќе излезат на улиците. Синоќа полицијата во Тел Авив употреби шок-бомби и водени топови за да ги растера демонстрантите. Протестите против судските реформи ја предизвикаа најтешката домашна криза во земјата во последните години.
Бојана Крстевски
