Во Украина пристигнаа ветените британски и германски тенкови
Воената помош од Германија, Британија и САД пристигна во Украина. Испорачани се 18 тенкови „Леопард-2“ и „Челинџер“ како и 40 борбени пешадиски возила „Мардер“. Воените дејствија продолжуваат. Украинската противвоздушна одбрана тврди дека успеала да собори 12 руски дронови во близина на Киев. Во меѓувреме, Москва тестираше противбродски проектили во јапонското море...

Германска, британска и американска воена помош пристигнаа во Украина. Првата пратка од 18 германски тенкови „Леопард 2“, 40 пешадиски борбени возила „Мардер“, британските тенкови „Челинџер“ и оклопните возила „Кугар“ и „Страјкер“ од САД ќе ја постигнат решавачката разлика на фронтот. Претседателот Зеленски по состанокот со шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија повторно алармираше за нуклеарната безбедност.
„Држењето нуклеарна централа во заложништво повеќе од една година е најлошото нешто што може да се случи во историјата на европскиот и воопшто глобалниот сектор за нуклеарна енергија. Колку подолго трае руската окупација, толку поголема ќе биде заканата за безбедноста на Украина, цела Европа и светот“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Воените дејствија продолжуваат. Во неколку градови се огласија сирените за воздушни напади. Украинската противвоздушна одбрана тврди дека успеала да собори 12 руски дронови во близина до Киев. Загинати и повредени во ракетен напад во Славјанск, оштетени се станбени згради. Руски рекетирања и во Дњепар, Херсонскиот регион и во Суми, во североисточниот дел на Украина.
„Руските окупаторски сили извршија ракетен напад врз Славјанск. Имено, ударот го зададе противвоздушниот ракетен систем С-300. Имаше два проектили врз инфраструктурата на градот“, изјави Дмитро Ногин, началник на полициската станица во Краматорск.
Во меѓувреме, Москва тестираше противбродски проектили во Јапонско Море со две ракети „Москит“ врз лажен непријателски воен брод на околу 100 километри.
„Нема извештаи за штети. Владата на Јапонија ќе продолжи да ги следи руските воени операции додека тие ги засилуваат активностите на Далечниот Исток, вклучително и областите околу Јапонија, во време кога руската инвазија на Украина продолжува“, изјави Јошихико Исозаки, заменик главен секретар на кабинетот на Јапонија.
Руското Министерство објави и видеоснимка од фронтот. Во описот е наведена борбената работа на екипажот на хаубици на Западниот воен округ кои извршуваат огнени мисии за уништување оклопни возила и утврдени позиции на вооружените сили на Украина во зоната на специјална воена операција.
Маријана Димовска
