Пукна тиквата- Црвенковски, Заев и Пендаровски со различни позиции
Кој со кого се сретнал и за што разговарале. Преку медиуми си ги кажаа ставовите, кој треба да ја води партијата...

Пукна тиквата во очи на Конгресот на СДСМ. Црвенковски, Заев и Пендаровски со различни изјави и позиции – кој со кого се сретнал и за што разговарале. Преку медиуми си ги кажаа ставовите, кој треба да ја води партијата. Екс-лидерот Бранко Црвенковски, во интервју за Дојче Веле изјави дека ниту тој, ниту Заев не треба да водат партијата туку според него решението би бил Стево Пендаровски.
„Не сум разговарал, ниту имам право на тоа. Тоа е задача на најодговорните луѓе во партијата, а конечната одлука им припаѓа на делегатите на конгресот. Но, познавајќи го долго време и имајќи ја предвид неговата јавно дадена изјава по изборите, дека е решен да остане до крај во првите редови во битката против оваа власт, убеден сум дека ако му биде дадена таква понуда, тој ќе ја прифати“, вели Црвенковски во интервјуто .
По интервјуто на Црвенковски, реагираше Заев. Соопшти дека разговарал со Пендаровски од кого добил одговор дека не размислува за партиски ангажман.
„Денеска, после објавеното интервју на Црвенковски веднаш го повикав Пендаровски да го прашам дали има промена во неговиот став и дали размислувањата на Црвенковски се темелат на некави сознанија добиени од него. Стево уште еднаш, јасно и недвосмислено ми потврди дека воопшто не размислува за некаков партиски ангажман, а најмалку пак за функцијата претседател на СДСМ. И денеска повтори дека целосно останува заедно со партиското раководство да ја води битката против оваа власт. Ме информираше дека Црвенковски разговарал со него, но, дека и нему му го пренесол истиот овој став уште во текот на вчерашниот ден. Зошто Црвенковски денеска изјавува дека воопшто не разговарал со Пендаровски, треба да и објасни на македонската јавност. Верувам дека Стево Пендаровски ваквиот негов став и лично ќе и го соопшти на јавноста“, вели Заев.
По нив двајца, се огласи Пендаровски. „Ниту со Заев, ниту со Црвенковски сум разговарал за мој иден политички ангажман“, изјави за дел од порталите.
„Сакам јавно да изјавам дека во изминатите неколку дена, вклучително и денеска, не сум имал средба ни со Заев ни со Црвенковски, ниту пак некакви разговори за мој иден политички ангажман“, вели Пендаровски.
Кој ја кажува вистината? Најверојатно ќе дознае на 11-ти мај.
Наташа Гркова –Петрушевска
