Србија со македонски економски мерки
Александар Вучиќ отворено признава дека глобалните компании ја одминуваат Србија и фабриките ги лоцираат во Македонија...

Србија го копира македонскиот економски модел, кој според меѓународните финансиски институции дава најдобри ефекти во услови на глобална рецесија. Преку субвенционирани кредити, подобрување на деловниот амбиент, ефтини станови и со поконкурентна регулатива Србија ќе се обиде да ги задржи странските инвеститори.
Александар Вучиќ отворено признава дека глобалните компании ја одминуваат Србија и фабриките ги лоцираат во Македонија.
„Сакаме, пред се во автомобилската индустрија, земјоделството, дрвната индустрија, да го задржиме најдоброто, а не компаниите кои сакаа да инвестираат во Србија да заминуваат во Македонија. И тоа е единствениот начин да ги зголемиме платите и пензиите, а не да чекаме да ни паднат од небо“, изјави Александар Вучиќ во првото премиерско интервју.
Кредитите за подобрување на ликвидноста се исто така според македонски терк. Банките ќе дадат поволни кредитни услови, а државата ќе ги субвенционира каматите со околу 60 милиони евра.
Дека српските економски експерти добро ги проучиле мерките на Македонскатавлада потврдува и мерката која Белград ја носи, за да го поттикне вработувањето, да го дестимулира работењето на црно и да го охрабри легализирањето на непријавените работници.
Српската држава ќе плаќа дел од придонесите и очекува отварање десетина илјади нови работни места. Александар Вучиќ најави и градење евтини станови помали од 80 квадрати, кои би се плаќале со кредит на 20 до 30 години, со субвенционирани камати.
Предвиден е и пакет мерки за подобрување на бизнис климата во Србија, кој има за цел да привлече што повеќе странски инвеститори и да ја раздвижи замрената економија.
Свето Николовски
