Направено во Македонија: Микросам извезува во 40 земји

08.05.2014 17:19

Над 170 машини од високата технологија производителот на првиот македонски индустриски робот, Микросам, има испорачано во 40 земји во светот. Со потписот- направено во Македонија. Се поготвуваат нови машини за авио- индустријата. Стручњаците бараат финансиска институција која ќе ги гарантира високомилионските договори на македонските извозници...

Прилепски Микросам работи на две нови машини за авио и хеликоптерската индустрија што ја зацврстува фирмата во светот на високата технологија. Далеку од протокот на информациите, годинава ќе се заокружи првиот од  договорите за делови во новата генерација руски авиони.

„Во моментов работиме, исто така на неколку проекти кои се поврзани сао авионската индустрија и со автомобилската индустрија и индустријата за пречистување на вода. Гледаме дека нарачките во оваа година се засилуваат“, вели Димитар Богданоски, директор на „Микросам“.

Земјава  солидно котира во користењето на информатичко-технолошките услуги.

„Мислам дека Македонија секогаш била на повисоко ниво во таа насока. Тука „Микросам“ во светот е една од најдобрите компании која предничи со нови технолошки решенија и иновации“, вели Богданоски.

Производителот на првиот индустриски робот „Микросам“ досега има продадено преку 170 машини во целиот свет од високата технологија и композитните материјали, за авио, автомобилската и индустријата за пречистување на води.

Со извозот во преку 40 земји е ставен потписот –„направено во Македонија“.

„Најмногу имаме извезено во Европската унија, понатаму во Кина, Индија, во Русија во последните години“, вели Богданоски.

Се бара нова услуга од Македонската банка за поддршка и развој - банкарска гаранција за високомилионските договори.

„Има доста примери во светот, најдобри се во Германија, во Хрватска, исто така, во поново време каде преку некои такви финансиски институции државата да обезбедува гаранции за домашните компании кои извозни аранжмани“, додава Богданоски.

Македонската висока технологија треба да се најде и во Јапонија и Јужна Америка.

 

Елизабета Митреска