Економски раст за младите да не се иселуваат

08.05.2014 17:29

Странските експерти согласни преку економски раст до спречување на егзодусот на младите...

Економската криза стивнува, но последиците од неа сé уште се чувствуваат. Ова е најмногу изразено преку зголемената невработеност во европските земји. Што натаму, како може Европа, но и Македонија, да се справи со сé поголемиот број млади кои својата иднина ја гледаат подалеку од европските земји.

Странските експерти согласни  преку економски раст до спречување на егзодусот на младите. Европските политичари прават многу добри работи, но создавањето  работни места,  не е една од нив,  смета американскиот експерт  Џон Фонд.

„Во Грција невработеноста кај младите е 70 насто,  во Шпанија 50, а во Италија 35 проценти. Тоа е разочарувачки за луѓе кои почнуваат да ја градат  својата иднина.Верувам  дека младите мораат на постарите  да им одговорат дека не сакаат да зависат од нивните пензии“, вели Џон Фонд, колумнист на Волстрит журнал.

Напуштањето на ЕУ од страна на младите станува сé поголем тренд последниве неколку години. Како примерамериканецот ја посочува  Португалија, една од земјите најтешко погодена од финансиската криза.

„Гледате како луѓето ја напуштаат Европа. Последниве пет години, 120 илјади заминале од Португалија, и тоа не во други европски земји, па така 70 илјади Португалци  заминале  во Ангола, а ова досега е невидено. Луѓето  го напуштаат 'првиот свет' за да одат во 'третиот' , во потрага по подобар живот“, додава Фонд.

И Македонија не беше имуна на економската криза, но според македонските студенти, сепак постои можност за просперитет на домашната економија, со цел младите да останат во земјата.

За поефикасно вработување на младите државата  да ги намали регулациите, побараа студентите. Експертите се согласни - Економскиот раст  е клучен фактор за да се избегне уште поголемо иселување на младите работоспособни лица.

 

Лидија Чакар