САД и Русија го прекинаа споделувањето на информации за нуклеарно оружје
Пропадна договорот „Нов СТАРТ“ меѓу САД и Русија за ограничување на нуклеарниот арсенал. Вашингтон и Москва престанаа да споделуваат информации за нуклеарното оружје. Договорот за намалување на стратегиското оружје првично беше потпишан во 2010-та од тогашните претседатели Барак Обама и Дмитриј Медведев...

САД и Русија престанаа да споделуваат информации за нуклеарното оружје откако пропадна пактот „Нов СТАРТ“ со кој се ограничува нуклеарниот арсенал на светските велесили. Според Белата куќа, Пентагон и Стејт департментот, Вашингтон ѝ ги понудил на Москва своите податоци дури и по повлекувањето на Русија во февруари.
„Како што рековме, прекинот беше незаконски. Поради тоа, руското недавање податоци ќе значи уште едно прекршување на договорот покрај досегашните нарушувања на „Нов СТАРТ“. Како резултат, постојат законски контрамерки за охрабрување на Русија да се врати во договорот. И САД веќе нема да ги обезбедуваат своите полугодишни информации“, изјави Ведант Пател, портпарол на Стејт департментот.
Русија не го менува ставот и покрај притисокот од спротивната страна. Но во знак на добра волја, Москва ќе продолжи да ги почитува обврските до предвидениот рок во 2026-та година.
„Знаете ли за што нè обвинуваат?! За селективно извршување на обврските откако изјавивме дека иако се повлековме, ќе продолжиме да ги почитуваме квантитативните индикатори утврдени до рокот во 2026-та година. Ова не е точно. Ние целосно се повлековме од овој договор. Нашата подготвеност да ги одржиме ограничувањата за стратегиското оружје е само гест на добра волја“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Спогодбата од 2010 година, потпишана од тогашните лидери на САД и Русија, Барак Обама и Дмитриј Медведев, беше последниот пакт за контрола на оружјето. Според неговите услови, Москва и Вашингтон не смеат да распоредат над 1.550 нуклеарни боеви глави и 700 копнени и подморнички проектили и бомбардери за нивна испорака. Рускиот претседател Путин минатиот месец ја повлече својата земја, обвинувајќи го Западот за директно учество во украинските напади врз базите на руските стратегиски бомбардери.
Според Кремљ, барањата на НАТО за инспекции на нуклеарните бази се апсурдни. Претходно, за време на администрацијата на Трамп од пактот се повлекоа и САД бидејќи сметаа дека Москва правела огромни прекршоци. Но со стартот на претседателскиот мандат на Бајден во 2021-ва година, договорот беше продолжен за пет години.
И покрај бројните несогласувања, двете страни се согласни за една работа – нуклеарна војна не смее да се случи бидејќи во неа нема победници.
Маја С. Филдишев
