ЕУ-Западен Балкан: Унијата да го одврзе своето „ќесе“

08.05.2014 17:57

Без суштински придобивки, а повеќе средба од формален карактер, вака може да се опише состанокот што се случува денеска во Солун. Се повторија веќе познатите ставови дека е неопходно земјите од Западен Балкан што поскоро да се интегрираат во европското семејство. Македонија ја искористи шансата уште еднаш да ги повтори петте позитивни препораки кои ги доби од Европската комисија.

Без суштински придобивки, а повеќе средба од формален карактер, вака може да се опише состанокот што се случува денеска во Солун. Се повторија веќе познатите ставови дека е неопходно земјите од Западен Балкан што поскоро да се интегрираат во европското семејство. Македонија ја искористи шансата уште еднаш да ги повтори петте позитивни препораки кои ги доби од Европската комисија. Инаку министерот Попоски, ја искористи оваа можност гласно да каже дека Европската Комисија и покрај притисоците што ги добива од една земја членка на Унијата, сепак останала доследна да ги пофали реформските процеси низ кои поминува нашата земја.

„Токму поради тие опструкции кои произлегуваат од тука не сме во можност петта година по ред да ги одпочнеме преговорите. Сметаме дека е потребно да го гледаме интересот на Европската унија, а денешниот контекст треба уште повеќе да не мотивира да се вратиме на основната цел, а тоа е обединет и просперитетен Балкан“, изјави Попоски во Солун.

Формална била и средбата со Венизелос, а наметнатиот спор со името воопшто не бил тема на дискусија помеѓу двајцата министри, но она што било тема на разговор помеѓу еврокомесарот Филе и колегите министри од Западниот Балкан, била како да се искористат парите од европските фондови, проекти во делот на патната инфраструктура, гасификацијата и енергетскиот сектор.

И додека земјите од Западен Балкан макотрпно работат на усогласување на домашното со европското законодавство, она што во моментот може да го понуди Унијата е да го одврзе своето „ќесе“ и да им овозможи поголем пристап до европските пари на овие земји со цел инфраструктурно да се поврзат и подобро да работат.

Анита Димитријевска