Се бара одговорност од директорката откако дел од таван падна врз ученичка во училиште во Битола
Дел од таванот на тоалет во средното медицинско училиште се сруши врз глава на една ученичка. Директорката на училиштето вели дека немало показатели кои ќе им помогнат да увидат дека вакво нешто може да се случи. Градоначалникот, пак, бара одговорност од актуелната директорка…

Ученичка во средното медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ во Битола е повредено откако во текот на вчерашниот ден се урнал дел од таванската конструкција на првиот дел од зградата. Градоначалникот бара одговорност, вели, локалната самоуправа не била информирана за состојбата на училишната зграда. Тој веќе разговарал со директорите на сите средни училишта и побарал да реферираат дали има потреба за техничка и инфраструктурна помош.
„Очигледно проблемот тлеел извесен период и дошло до попуштање, што не е нешто што не може да се случи, но требаше да бидеме информирани за да не дојде до ваква ситуација. Она што очекувам е директорката да си понесе одговорност за целиот настан, за несоодветно реагирање, а и од морални причини, сепак се работи за дете“, изјави битолскиот градоначалник Тони Коњановски.
Директорката на училиштето го потврди настанот. Таа вели оти училиштето од пред неколку години било во ужасна состојба, по што следувала реконструкција. Но, со неа не биле опфатени тоалетите кои последен пат биле обновени со донација пред четири години.
„Немаше никаков показател дека може да се случи такво нешто, плафонот е покриен со гипс плочи, не можевме ни да воочиме дека од некаде понирала вода и дека може да се случи тоа“, изјави Наташа Илиева, директор на ОСМУ „Д-р Јован Калаузи“, Битола.
Повреденото девојче денеска не дошло на настава, а директорката по разговор со нејзините родители не информираше дека немала посериозни физички повреди, освен болка во раката и рамото, но сепак, девојчето било исплашено и под стрес од целата ситуација.
Александра Максимовска
