Австрискиот претседател во Скопје

Ван дер Белен: Уставните измени не треба да се драматизираат

29.03.2023 14:23

Австрискиот претседател Ван дер Белен од Скопје повика да не се драматизира со уставните промени. Пендаровски оцени-државата нема да пропадне со внесувањето на Бугарите во преамбулата и предупреди, ако нема двотретинско мнозинство, сами ќе се блокираме на интегративниот пат…

Австрија е и по ноември ќе остане поддржувач на евроинтеграцијата на Северна Македонија, но искористете го моментумот на забрзан и зголемен интерес во ЕУ за проширување и не губете дополнително време со драматизирање на уставните промени, што се услов од преговарачката рамка, порача австрискиот претседател Александер ван дер Белен по средбата со својот домаќин претседателот Пендаровски. Рече дека Македонија е пример во регионот за почитување на правата на малцинствата.

„Убедени сме дека ќе успеете да ги направите уставните измени. Треба да се гледа напред, да се работи во правец на заедничка европска иднина. Знам дека ова е тежок пат за вас, фрустрацијата е разбирлива, но ве молиме немојте да ја изгубите целта од вид“, нагласи австрискиот претседател Белен.

Шефот на државата посочи дека уставните измени мора да се случат, во спротивно самите ќе се блокираме. Подобра преговарачка рамка нема да има, а во тоа преку разговори треба да се убеди опозицијата за постигнување двотретинско мнозинство во Собранието, оцени Пендаровски.

Австрискиот претседател во обраќањето во Собранието апелираше до сите пратенички групи, длабоко да размислат како ќе постапат за уставните промени и што тие значат долгорочно за иднината на државата.

Двајцата претседатели заеднички заклучиле дека со отсуството на јасна европска перспектива ќе продолжи да расте евроскептицизмот и ќе биде сигнал за некои други сили кои работат спротивно на европските вредности.

Ирина Гелевска