Власта и опозицијата со спротивставени ставови за уставните измени
Уставните измени нема да се одложат. Тимот експерти ќе се формира во Министерството за правда-категоричен премиерот Ковачевски. Имаме демократски и европски капацитет и визија, нема да станеме заложници на само еден човек во државата, да го блокира процесот за лични интереси и зачувување на фотелјата, рече Ковачевски, алудирајќи на Мицкоски. Ковачевски е заложник на ДУИ и Ахмети, возвратија од ВМРО-ДПМНЕ. Побараа измените да се стават пред пратениците без одлагање...

Нема одложување на уставните измени – дециден премиерот Ковачевски. Без да каже конкретно кога, само додаде дека во Министерството за правда ќе биде формирана експертска група која треба да го подготви текстот за уставните измени. За целиот процес потребен е широк општествен консензус, нагласува шефот на владата – при тоа вперувајќи го прстот во лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски за кого вели дека државата нема да е негов заложник.
Ковачевски е заложник на ДУИ, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ. За да се докаже кој е „ЗА“ а кој “ПРОТИВ“, побараа уставните измени веднаш да се стават на дневен ред во Собранието. При тоа алудираат дека власта нема мнозинство во парламентот измените да бидат донесени.
Приоритет над приоритетите во однос на уставните измени е промена на Преамбулата, со што во неа би се вметнале сите помали заедници кои ќе пројават интерес за тоа, вели министерот за Правда. Лога без дообјаснување на неговата изјава дека покрај уставни измени за Бугарите, ќе се разговара и за други политички прашања, меѓу кои и официјализирањето на албанскиот јазик. Од Ковачевски и Османи експресно беше демантиран. Освен уставни измени за Бугарите, сега не е време за отворање други политички прашања.
Миле Ристески
