Се олеснуваат условите за патување во регионот
Пратениците на матичната комисија го поминаа договорот за слободно движење во Западен Балкан. Се очекува ова да донесе поголема регионална соработка, економски развој, зголемување на економскиот раст, инвестиции и повеќе вработувањата...

Во Србија, Косово, Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина – во овие пет земји македонските граѓани ќе можат да патуваат само со лична карта. Пратениците на матичната комисија го поминаа договорот за слободно движење во Западен Балкан. Се очекува ова да донесе поголема регионална соработка, економски развој, зголемување на економскиот раст, инвестиции и повеќе вработувањата.
„Договорот има за цел унапредување на соработката и олеснување на условите за патување, вклучување и унапредување на односите меѓу земјите од Западен Балкан преку поедноставување на административните постапки во однос на влез, транзит, краткорочен престој на лицата носители на валидни лични карти издадени од овие шест држави“, изјави Наташа Дескоска, помошник директор во Министерството за надворешни работи.
Претседателот на комисијата Милошоски потенцираше дека граѓаните со лична карта во дел од овие земи можеле да патуваат уште во 2012-та година, но добро е што сега законски ќе се регулира.
„Македонија уште во 2012-та година па и порано или покасно веќе ги направила овие чекори кои сега се заеднички став, но добро е што сега и другите држави, а вклучително и Европската унија му даваат една поголема тежина на овој процес и го олеснуваат движењето на граѓаните во регионот“, изјави Антонијо Милошоски, претседател на Комисијата за надворешни работи.
На комисијата за надворешни работи усвоен и Предлог-законот за ратификација на договорот за признавање на дипломите од високообразовните институции во Западен Балкан, но само од акредитираните универзитетите. Како и договорот за признавање на професионалните квалификации на докторите по медицина, стоматологија и архитектите. Трите договори се потпишани на 3-ти ноември во Берлин минатата година, од претставници на сите шест држави.
Андријана Ѓурческа
