Анита Бошковска и Катерина Георгиевска избрани за судии во Врховниот суд
Судскиот совет избра две судијки во Врховен суд, за граѓанската област. Не помина ниту еден од кандитатите за кривично. Филтерот не го помина и оној кој „Таргет - Тврдина“ го чувал во фиока...

Судскиот совет ги избра Анита Бошковска и Катерина Георгиевска за судии во Врховниот суд. На огласот за пополнување на четири места, две за граѓанска и уште толку за кривична материја, аплицирале по петмина кандидати. Од Советот велат оти критериумите за избор биле строги, со цел да се селектираат најдобрите.
Филтерот не го помина Енвер Беџети кој беше судија – известител во скопска Апелација за случајот со масовното прислушување „Таргет – Тврдина“ и за кого Судскиот совет утврди дека со месеци ги чувал документите во фиока. Даут Рустеми и Александар Милошески беа избрани за судии во Апелацискиот суд во Гостивар, а за претседател на Основниот суд во Тетово е назначен Хасан Асани. Се разгледуваше и проблемот со испразнетите судиски места.
Последната генерација од Академијата за судии и јавни обвинители ја завршија 30-ина кандидати кои наскоро ќе може да конкурираат на огласот што ќе го распише Судскиот совет со цел да се намали недостатокот на судии во Скопје и во градовите од внатрешноста.
Анита Димитријевска Велковска
