Чарлс Трети во Берлин
Место Франција, Германија. Британскиот крал Чарлс Трети во прва официјална посета на странска држава откако седна на тронот...

Со највисоки почести и силни безбедносни мерки Берлин е домаќин на кралот Чарлс Трети и неговата сопруга Камила. Ова е нивна прва посета во странство по преземање на престолот. Чарлс Трети утре ќе одржи говор пред Бундестагот и ќе биде првиот британски монарх што се обратил во германски парламент. Кралската двојка требаше да ја посети Франција пред Германија, но посетата беше откажана поради масовните протести против пензиските реформи.
„Кралот Чарлс Трети планираше да отпатува во Франција и во Германија. Тоа се двата најважни партнери на европскиот континент. Овие настани се клучни за градење на јавниот имиџ на кралот“, изјави Ед Овенс, британски кралски експерт.
Зацврстување и подобрување на односите на Велика Британија со Европа, главна цел на првата посета на кралот како владејачки монарх на Обединетото Кралство. Повеќедневна турнеја во Европската унија се очекува да ги нагласи напорите на британскиот премиер Риши Сунак за обновување на односите со блокот по шест години дебата за Брегзит.
„По избувнување на војната во Украина, Германија и Велика Британија повторно се зближени. Верувам дека фокусот ќе биде повеќе на она што ни е заедничко, она што не обединува. Тоа што го разликува кралот Чарлс од неговата мајка, е дека тој очигледно е политички крал“, изјави Јенс Цимерман, шеф на германско, британската парламентарна група.
Кралската двојка во Берлин ќе престојува два дена, а в петок ќе се упатат кон Хамбург, последната станица од нивната посета. Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер го опиша доаѓањето на кралот како „важен европски гест“.
„Се прашувам што ќе каже, зошто доаѓа овде? Исто така, е многу возбудливо што ќе престојуваме во ист хотел. Сигурно ќе биде интересно, без разлика дали ќе го видиме или не“, рече Јасмин Геранмаје, посетител на Барлин.
„Сигурна сум дека ќе се справи добро, но различно од неговата мајка. Ќе треба само да почекаме и да видиме што ни се подготвува во блиска иднина“, вели Ангелика Енгел, посетител на Барлин.
„Работев и живеев во Шведска и имам неутрален однос кон кралското семејство. Мора да има различност и разновидни форми за владеење“, рече Хауке Хелвег, учител.
74. монарх Чарлс Трети ќе биде крунисан на шести мај.
Маријана Димовска
