Потребни се итни реформи за младите да не заминат во странство
Министерот за образование Шаќири уверува дека од септември ќе се надмине проблемот со учебниците. Но, додека тој бара решенија, младите го предупредија дека се зголемува бројот на оние кои сакаат да ја напуштат земјава. Дека состојбата е сериозна, покажуваат и последните податоци на Заводот за статистика – бројот на ученици во основните школи за една година е намален за 0,8 проценти...

И да не влезе земјава во ЕУ, младите сами ќе заминат, предупредуваат претставници на студентите. Побараа итни реформи, оценувајќи дека ако се направи анкета помеѓу младите од стручните училишта, најголемиот дел нив ќе речат дека сакаат да заминат во странство.
„Имаме образование со истечен рок на сите нивоа, особено во високото образование, но и во средното. Она што предлагаме се радикални промени, а образованието да стане приоритет на државата во наредните 20 години и која било партија да дојде на власт, да не ги менува политиките кои ќе бидат усогласени од сите страни“, изјави Бленди Ходаи, од Форум за образовни промени.
Министерот за образование вели дека ги знаат проблемите на младите и бараат решение за да се спречи одливот.
„Ја имаме и кампањата-Учи паметно, работи стручно, заедно со Министерството за економија имаме и пакет мерки за компаниите да можат да го задржат кадарот од стручното образование, но исто така, како мотивација, да најдеме можност платите во тој дел од пазарот на труд да бидат повисоки“, рече министерот за образованите, Јетон Шаќири.
Најави дека од септемеври ќе се надмине проблемот со учебниците кој се провлекува подолго време.
Наташа Јанчиќ-Менковски
