Македонија

Вечерва протести поради смртта на Јана, Обвинителството постапува по случајот

29.03.2023 15:00

Вечерва во Битола и во Скопје се најавени протести поради смртта на малата Јана. Организаторите бараат оставки, но и итни реформи во здравствениот систем. Премиерот Ковачевски верува дека ќе се утврди точната причина за смртта, а потоа ќе се донесе соодветна одлука. Обвинителството постапува по случајот...

Треба да се почека на фактите од извештаите за да се утврди причината за смртта на петгодишната Јана Христовска во битолската Клиничка болница. Потоа врз основа на тоа ќе бидат донесени соодветни одлуки, вели премиерот Димитар Ковачевски. Додава дека извештаите веќе се доставени до Министерството за здравство.

Обдукцискиот наод кој треба да покаже од што починала Јана го чека и битолското Обвинителство. Оттаму велат дека се преземени повеќе дејствија за испитување на настанот.

„Извршен е распит на повеќе лица, кои имаат определени сознанија и обезбеден е дел од медицинската документација. Преостанатиот дел од документацијата најпрвин ќе биде потребен за работа на комисијата за оценка на стручноста формирана од Министерството за здравство. По завршувањето на нивното постапување, обвинителството ќе го обезбеди и нивниот и извештајот од државниот здравствен и санитарен инспекторат во поглед на почитувањето на медицинските протоколи. По завршување на сите проверки, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошниот тек на истрагата“, се вели во соопштението на битолското Обвинителство.

По вонредниот инспекциски надзор на државниот санитарен и здравствен инспекторат, констатирано е дека на Јана Христовска и била дадена гликоза заедно со физиолошки раствор, но тоа не е констатирано како лекарска грешка. Нејзините родители пак сметаат дека за смртта на нивната ќерка тоа било пресудна за фаталниот исход.

 

 

Марија Котовска