Маричиќ: Придобивки од ЕУ, а не политизација – тоа го бараат граѓаните од сите политичари
Наша задача како Влада, но мислам дека и мисија на граѓанските организации и на медиумите, особено оние коишто искрено веруваат во членството во Европската Унија, е токму сега да направат максимум за да се избориме со дезинформациите, со негативните перцепции и да се врати поддршката на граѓаните за Европската Унија...

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, денеска учествуваше на промоцијата на проектот „Медиумите за ЕУ“, каде истакна дека за перцепцијата на граѓаните за процесот на преговори и за ЕУ клучна ќе биде соработка помеѓу медиумите, граѓанското општество и политичките партии.
Вицепремиерот посочи дека, никогаш како денеска не сме се соочувале со опасности од дезинформации, кои го поткопуваат проевропското расположение кај граѓаните, а се оркестрирани, организирани и во директна релација со руската агресија на Украина.
Наша задача како Влада, но мислам дека и мисија на граѓанските организации и на медиумите, особено оние коишто искрено веруваат во членството во Европската Унија, е токму сега да направат максимум за да се избориме со дезинформациите, со негативните перцепции и да се врати поддршката на граѓаните за Европската Унија, порача Маричиќ.
Маричиќ не верува дека Македонците, и сите останати народи и заедници кои живеат во Северна Македонија, коишто одговараат на анкетите на јавното мислење, се против ЕУ, анкетираните кои веќе не се толкави ентузијасти, според него се практично разочарани проевропски настроени граѓани. Во своето обраќање Маричиќ направи компарација со наративот за ЕУ пред петнаесет години и кажа дека тогаш многу полесно се зборувало за Европската Унија „бидејќи многу беше поголем евроентузијазмот меѓу граѓаните“, додавајќи дека „денес се бориме со перцепцијата дека тоа ни е недостижна цел и дека не можеме да го постигнеме тоа што и да направиме“.
Проектот „Медиумите за ЕУ“, програма на граѓанското општество за учество на медиумите во преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Поддржан од Европската унија ќе биде спроведуван од Евротинк – Центарот за европски стратегии и партнерите АЛДА и БИРС, во наредните три години.
Целта на проектот е да се поттикне соработката меѓу медиумите, граѓанските организации и релевантните државни институции кои ќе работат во преговарачките процеси на земјата со релевантните институции од ЕУ, како и подобрување на квалитетот на информации и презентирање на состојбите и напредокот на Македонија кон ЕУ за пошироката јавност во државата, стои во соопштението.
