Преспанско Езеро

Наместо во вода, мостовите во Стење денес „зјаат“ на суво копно, туристи сѐ помалку

30.03.2023 09:19

Наместо во вода пристанишните мостови и платформите во преспанско Стење денес „зјаат“ на суво копно. Водата од Преспанското Езеро и натаму се повлекува. Мештаните велат езерото веќе не е привлечно за туристите како во минатото. Гости се помалку доаѓаат. Експертите алармираат на Преспа му се случува еколошка катастрофа, потребни се итни мерки за заштита...

Пристанишните мостови и платформите на плажата во Стење наместо во езерската вода како некогаш, денес „зјаат“ на суво копно. Водата од Преспанското Езеро и натаму се повлекува. Езерото станува се поплитко и подалечно. Мештаните велат пред половина век, во пролет се подготвувале за летната туристичката сезона, денес сè помалку гости доаѓаат. Никој не води грижа што езерото веќе не нуди можности за рекреација и исчезнува пред очите на сите.

„Немаше трска, ниту врба. Кон седумдесеттите години почна да се намалува езерото, се намалува и никој не води грижа да дојде да помогне, да бара решение да се поправи. Само си оди враќање нема назад, дотур на вода нема, вода нема, слаби зими, нема врнежи, дождови“, вели Ванчо Василески од село Стење.

Според експертите на Преспанското Езеро му се случува еколошка катастрофа, покрај климатските промени и недостигот на вода, дојде до еутрофикација, предизвикана од претераната употреба на пестициди за овоштарството.

„Веќе е дојдено до ситуација на еутрофикација тоа верувајте една бактериска реакција се случува на Преспанското Езеро од нас луѓето кои имаме недоволно грижа со прскање пестициди кои преку подземните води ја хранат таа алга која не му дозволува да има сончеви зраци на другата алга која произведува кислород“, Сашо Кироски еколог и истражувач на Преспанското Езеро.

За да се врати сјајот на Преспанското Езеро потребни се итни, координирани и долгорочни мерки за заштита од страна трите држави: С. Македонија, Албанија и Грција.

 

Соња Рилковска