Македонија

ФЕИТ отвори ФабЛаб– нов простор каде студентите ќе работат на реални проекти

30.03.2023 10:23

Новиот простор што треба да им овозможи на студентите работа на реални проекти ползувајќи ги можностите на дигитализацијата во производните процеси, е отворен и за приватниот сектор, како и за млади креативци и иноватори кои тука ќе имаат можност да ги реализираат своите идеи.

Стартува со работа лабораторијата за производство „ФЕИТ ФабЛаб“ при Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ). Новиот простор што треба да им овозможи на студентите работа на реални проекти ползувајќи ги можностите на дигитализацијата во производните процеси, е отворен и за приватниот сектор, како и за млади  креативци и иноватори кои тука ќе имаат можност да ги реализираат своите идеи.

На официјалното отворање на „ФЕИТ ФабЛаб“, која е реализирана со поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) присуствуваа и директорот на ФИТР Фестим Халили и проректорот  за финансии, инвестиции и развој проф. д-р Биљана Ангелова. Деканот на ФЕИТ, Димитар Ташковски објасни дека „ФЕИТ ФабЛаб“ ќе ги обедини на едно место сите досегашни работилници и школи на ФЕИТ, како и работилниците за вградливи микрокомпјутерски системи, Робомак, Технологија за тебе и програмата INNO-SAE во соработка со Центарот за трансфер на технологии и иновации - ИНОФЕИТ. 

„Лабораторијата за производство ‘ФЕИТ ФабЛаб’ е уште еден чекор кон трансформација на ФЕИТ во истражувачка и претприемнички ориентирана високо образовна институција подготвена за предизвиците на новото време. ФЕИТ посветува посебно внимание на развојот и квалитетот на своите студенти, а со ‘ФЕИТ ФабЛаб’ се отвора и за поголем круг на млади луѓе кои можат своите идеи за иновации да ги реализираат кај нас. Благодарејќи на ФИТР, ‘ФЕИТ ФабЛаб’ поседува најсовремена опрема за експериментирање и прототипизирање на иновативни идеи, а ФЕИТ инвестираше во адаптација на современ простор согласно бараните меѓународни стандарди за ФабЛаб“, рече деканот на Факултетот за електротехника и информациски технологии Димитар Ташковски.

Според директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Фестим Халили идејата е преку кофинансирање на проектите за отворање на ФабЛаб лаборатории за производство да се обезбеди за младите и средношколците пристап до современи технологии.

„ФЕИТ ФабЛаб“  нуди основни и напредни курсеви и менторство во повеќе области како што се: моделирање за 3Д печатење и работа со 3Д печатач, практична електроника и вградливи микрокомпјутерски системи, слободен и отворен софтвер и други. Приходите кои лабораторијата, која ќе биде достапна и за приватниот сектор како one-stop-shop за свои сопствени развојни и истражувачки потреби, ќе се користат за понатамошниот развој и обезбедување на одржливост на лабораторијата.