Чешка

Протести во Чешка поради најавената реформа на пензискиот систем

30.03.2023 11:03

Чешките синдикати и опозициските партии протестираа против владиниот предлог за зголемување на старосната граница за пензионирање за четири години, од 64 на 68 години. Пред владините канцеларии во Прага се собраа 2.000 демонстранти...

Чешките синдикати и опозициските партии протестираа против владиниот предлог за зголемување на старосната граница за пензионирање за четири години, од 64 на 68 години. Во знак на противење на тој план, денеска пред владините канцеларии во Прага се собраа 2.000 демонстранти, пренесе АП.

„Ние дефинитивно не се согласуваме и ќе се обидеме да се заштитиме од тоа“, рече пред насобраните Роман Дурко, шеф на синдикалната група КОВО, која го организираше собирот.

Министерството за труд и социјала соопшти дека на маса за преговори, останува зголемувањето на старосната граница за пензионирање. Владата допрва треба да го финализира планот за пензиски реформи, за кој вели дека е неопходен за да се одржи системот одржлив.

Во демонстрациите учествуваа лидерите на опозициските партии, парламентарни и вонпарламентарни, меѓу кои и поранешниот премиер и милијардер Андреј Бабиш, антиимигрантската Партија за директна демократија и екстремно левичарската Комунистичка партија. Бабиш, поранешен премиер, ги повика синдикатите да организираат големи протести, ветувајќи ја својата поддршка.

Неодамна одобрениот план во Франција за зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години, предизвика тековни масовни протести низ целата земја.