Скопје

Арсовска бара поддршка од советниците за набавка на еко-автобуси и за субвенции за набавка на еко-возила

30.03.2023 11:56

Пред советниците денес ќе се најде одлука која тие треба да ја гласаат за субвенционирање при набавка на нови еко возила на хибриден или електричен погон за граѓани и за такси-превозници, пилот-проект кој за прв пат се имплементира во Македонија и со кој градот Скопје ќе субвенционира 200.000 денари по возило.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денеска ги презентираше предложените точки кои се на дневен ред на седницата пред советниците од Советот на град Скопје и за кои тие денес треба да гласат.

Пред советниците денес ќе се најде одлука која тие треба да ја гласаат за субвенционирање при набавка на нови еко возила на хибриден или електричен погон за граѓани и за такси-превозници, пилот-проект кој за прв пат се имплементира во Македонија и со кој градот Скопје ќе субвенционира 200.000 денари по возило.

Според градоначалничката, на овој начин ќе се придонесе за дополнително намалување на загадувањето особено во сегментот од испуст на издувни гасови во атмосферскиот воздух од возилата, а едновремено има компонента на поттик на модернизација на јавниот такси превоз во главниот град по примерот на Европските метрополи.

На оваа седница на Советот на Град Скопје, од советниците Арсовска бара и поддршка за набавка на нови еко-автобуси кои ќе немаат емисии на загадување во воздухот и кои ќе ги заменат старите и дотраени автобуси, кои не нудат задоволително ниво на услуга за граѓаните.

Со набавката на нови еко-автобуси дополнително ќе се подобрат условите во јавниот превоз, ќе се стандардизира услугата за сите граѓани на градот, ќе се намалат трошоците, а што е и најважно ќе го намалиме негативниот ефект врз животната средина, вели Арсовска.

На денешната седница на Советот на град Скопје се предлага и меѓуопштински соработки со неколку општини во кои градот Скопје ќе инвестира во реконструкција на улици, пешачки зони и велосипедски патеки, меѓу кои реконструкција на улицата „Македонско Косовска Бригада“, крак 38, крак 40 и крак 50 во општина Шуто Оризари, реконструкција на улицата „Славејко Арсов“ во општина Центар и реконструкција на краци на улицата „Христофер Жефаровиќ“ во општина Гази Баба.

Од Град Скопје апелираат до советниците да не се водат од теснопартиски и лични интереси, да ги поддржат овие одлуки кои значат многу за граѓаните.