Обвинителство

Јовески: Работиме на обезбедување докази за случајот со шестгодишното девојче

30.03.2023 12:27

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески посочи дека сѐ уште ги немаат добиено резултатите од обдукцијата, но дека се сослушани повеќе лица за кои Обвинителството смета дека имаат сознанија да помогнат во расветлување на овој случај...

Обвинителството работи на обезбедување на докази за смртта на шестгодишното девојче кое почина во битолската болница, соопшти денеска државниот јавен обвинител Љубомир Јовески. Посочи дека сѐ уште ги немаат добиено резултатите од обдукцијата, но дека се сослушани повеќе лица за кои Обвинителството смета дека имаат сознанија да помогнат во расветлување на овој случај.

Јавниот обвинител од надлежното Обвинителство во Битола ги презема неопходните мерки и обезбедува докази во врска со смртта на девојчето. Се уште протоколот од извршената обдукција Обвинителството не го добило. Во исто време Обвинителството работи на обезбедување и на други докази, рече Јовески по потпишувањето на меморандум за соработка со Министерството за внатрешни работи.

Шестгодишната Јана почина минатата недела во битолската болница, а вчера во Битола и Скопје се одржаа протести со кои се побара целосно расветлување на овој случај.