Металург го декласираше Вардар
Приказната за неизвесноста и возбудата беше завршена во првата четвртина од натпреварот. Домашниот состав фуриозно влезе во мечот наспроти првакот кој делуваше тотално инфериорен и неподготвен за битка...

Металург го збриша Вардар во реваншот од домашното разигрување за титулата со 30-21. Пехарот се враќа во Автокоманда каде што вечерва избраниците на Лино Червар не му дозволија на големиот ривал ниту да помисли дека може ја сочува предноста од првиот дуел во арената Борис Трајковски.
Приказната за неизвесноста и возбудата беше завршена во првата четвртина од натпреварот. Домашниот состав фуриозно влезе во мечот наспроти првакот кој делуваше тотално инфериорен и неподготвен за битка.
Со агресивна одбрана и убиствена контра металурзите лесно ги разбија црвено-црните кои за 15 минути погодија шест пати а примија 11 гола. И не само тоа туку со грешките и конфузната игра не најавија дека нешто ќе изменат во проистапот. И додека Вардар се мачеше, Металург набиваше ритам и со максимална енергија и триумфални емоции го газеше грогираниот ривал.
На полувреме се замина со 16-11 со пеколна реализација и гранитна одбрана иако највисоката предност изнесуваше и 6 гола. Вардарци во продолжението не само што не успеаја да ги пронајдат своите минути, туку и му дозволија на забревтаниот домаќин да го зададе завршниот удар. А тоа се случи многу брзо и очекувано со оглед на односот на силите и желбата за победа.
Од 17-11 во 32-та преку 19-13 шест минути подоцна, на крилјата на публиката, сините се вивнаа до 25-17 на 11 минути пред крај за почеток на славјето за шестата титула. Во тој период блескаше на голот Митревски кој како и Станиќ претходно беше несовладлив и заедно на крајот имаа 16 одрани. Червар пронајде извонредно балансирана ротација и избор на ракометари кои одлично се вклопија во победничкиот мозаик.
Вугринец повторно беше маестрален лидер и најефикасен со 8 гола, и максимално прецизен од 6-те удари од 7 метри. Манасков импресивен во контра во првиот дел и втор стрелец на крајот со 6 гола. Одлична подршка беа и Миркуловски и Ѓорѓиевски со 4 гола и беспрекорна реализација. Кај поразените по 4 гола дадоа Лазаров, Карачиќ, Брумен и Дибиров.
