ТЕТОВО

Одобрен Планот за управување со Националниот парк „Шар Планина“

30.03.2023 14:13

Строги контроли на Шарпланинскиот масив кои би ги спречиле девијантните појави на Шара, предвидува новиот одобрен План за управување со Националниот парк „Шар Планина“. Тој во себе содржи заштитен и развоен дел...

Строга контрола на шумите и шарските извори, забрана за изградба на нови хидроцентрали, возење на моторни возила само во одредени зони. Ова се само дел од програмите на амбициозниот 10-годишен план за заштита и развој на Шара. Заштитата на планинското подрачје сега ќе биде приоритет, тоа ќе создаде услови за развој на планинскиот масив.

Планината е деградирана. За да се работи на развојната компонента, мора превентивно да се делува на нејзината заштита, велат од установата.

Ниту еден турист не би сакал да пешачи низ опустошени предели, каде има диви сечи и диви депонии. На туризмот треба да му се даде приоритет, но неговиот развој треба да се одвива по строги утврдени правила.

Моментално целиот Шарпланински масив го чуваат и контролираат 8 луѓе, колку што има и вработени во Националниот парк. Финансиски установата се одржува со помош на донатори и Владата, а се очекуваат и  нови вработувања во текот на годинава.

 

Зоран Димовски