Град Скопје

Арсовска по втор пат не доби поддршка од мнозинството во советот за набавка на еко автобуси

30.03.2023 14:56

Градоначалничката Арсовска не ги убеди советниците за набавка на еко автобуси. Не доби поддршка од мнозинството во советот. Нема поддршка ни за иницијативата на СДСМ, реконструкцијата на Универзална сала да оди под капа на Владата...

Пропадна и вториот обид на градоначалничката на Скопје Арсовска да ги убеди советниците да дадат поддршка за нејзиното главно ветување од кампањата, за набавка на нови еко автобуси. Мнозинството во советот гласаше против долгорочното задолжување, иако пред почетокот на седницата Арсовска апелираше, советниците наместо од партискиот интерес да се водат од потребите на граѓаните.

Советниците не ја изгласаа и иницијативата на СДСМ – реконструкцијата на Универзалната сала времено да биде отстапена на Владата. Координаторката Јанчева обвини дека проектот е стопиран, а Арсовска не преземала ништо за да биде завршен. Дел од советниците сметаат дека ингеренцијата треба да остане кај градот, за други власта на овој начин сака да добие политички поени пред одржување на избори.

Во наредните денови ќе се знае кои приватни превозници ќе возат по скопските улици. Во тек е евалуација на пристигнатите понуди.

 

Викторија Милевска