Народен правобранител

Народниот правобранител Зибери го презентираше годишниот извештај

30.03.2023 15:03

Да се ревидира позитивната листа на лекови, има лекови кои се поефикасни за граѓаните – порачува народниот правобранител. Најмногу повреди на правата има кај децата...

Современи лекови на рецепт и почнување на постапка за ревидирање на позитивната листа – препорачува народниот правобранител. Според Зибери, на овој начин се унапредува грижата кон граѓаните. Вели, позитивната листа не е изменета повеќе години, во меѓувреме се појавија нови лекови кои се поефикасни.

„Да се започне постапка на ревидирање на листата на лекови што ќе претставува унапредување на грижата кон граѓаните, а кои за своите здравствени проблеми имаат право на современи лекови и медицински средства“, изјави народниот правобранител, Насер Зибери.

Најмногу повреди, Народниот правобранител констатирал при непочитувањето на правата на детето. Во две основни училишта во Штип и во Битола – родителите не сакале да ги запишат децата бидејќи поголемиот број ученици се Роми.

„Апелирам во овие две општини веднаш да престанат со праксата на лесно издавање на исписници од училиштата и да ја почитуваат реонизацијата затоа што процесот на инклузивност е еден од најзначајните процеси за елиминирање на дискриминацијата“, истакна Зибери.

Минатата година утврдено е попречување на правото трансформација на работниот однос на наставниците од определено на неопределено време, од речиси сите локални власти во државата. Народниот правобранител се надева дека овој извештај нема да ја има истата судбина како претходниот, што од пратениците беше разгледан пред само неколку дена.

 

Андријана Ѓурческа