Состанок на директорите на државните архиви од поранешна Југославија
На состанок на директорите на државните архиви од поранешна Југославија кои се занимаваат со прашањето на сукцесијата на архивските материјали, акцентот е ставен на дигитализацијата на архивскиот материјал и историските документи што датираат од 1918 година до 1991 година. Согласни се дека потребно е документацијата да се дигитализира и секоја држава да си ги преземе оригиналните документи или копии од архивските материјали...

Минаа 20 години од потпишувањето на договорот меѓу државните архиви на поранешните држави на Југославија, но на реализација не е многу сторено. Согласни се директорите на овие институции. Државите од поранешна Југославија се во контакт со повеќе фондации од европската унија кои треба да помогнат во дигитализација на вредните архивски документи, вели директорот Емил Крстевски.
Станува збор за непроценливо културно наследство на сите поранешни држави на СФРЈ, вели директорот на архивот на Југославија Терзиќ. Затоа е потребно час поскоро да се обработи, подреди а потоа и да се дигитализира градивото.
„Во архивот на Југославија се наоѓа најголемиот дел на градивото кое е во процес на сукцесија. Архивите во Белград се отворени и може да се истражува, но настојуваме да добиеме парична помош за да може сиот материјал да се дигитализира, бидејќи архивот на Југославија има 40 километри хартија“, рече Милан Терзиќ, директор на архивот на Југославија.
„Неопходни се финансиски средства, бидејќи ниту еден архив во регионот нема можност да издвои тим на истражувачи кои би поминале месеци и години во архивите на Југославија за да од фондовите би се издвоиле средства неопходни за секоја држава и нејзиното културно наследство да се дигитализира. Процес кој е премногу скап“, вели Даниела Мрда, директорка на архивот на Босна и Херцеговина.
Освен дигитализацијата, хрватска бара враќање на материјалот, филмски или архивски што и припаѓа на земјата.
„За тоа не е направено ништо. Мора да се работи активно на тоа да не се удира акцент само на дигитализацијата, а овој проблем да се стави под тепих. Значи потребно е да се решат двата проблеми и затоа сме овде“, порача Динко Чутура, директор на Државниот архив на Хрватска.
„До 2006-та требаше сите држави наследнички да направиме попис на градивото. Тоа го направивме и засега од тоа нема ништо“, рече Бојан Цвелфар, директор на архивот на Република Словенија.
За договорот помеѓу Грција и Југославија беше е наведено дека мора да се вратат архивите веднаш, но засега тоа не било направено.
Александра Спировска
