САД не губат интерес за Балканот

09.05.2014 09:57

Соединетите Американски држави не губат интерес за Западниот Балкан, иако претседателот Барак Обама и во јуни не планира посета на некоја од државите во регионот. Според Стејт Департментот, на самитот на НАТО во септември ќе се расправа за проширувањето на Алијансата, но тоа нема да биде главна тема...

Соединетите Американски држави се уште имаат интерес на Западниот Балкан и сакаат да ги видат земјите од регионот интегрирани во НАТО и во ЕУ, изјави портпаролката на Стејт Департментот, Мари Харф одговарајќи на прашање од Македонската телевизија зошто американскиот претседател Барак Обама нема да го посети регионот при неговата посета на Европа во јуни.

„Апсолутно не се согласувам дека сме изгубиле интерес. Веќе 20 години сме инволвирани во регионот поради желбата да ги поддржиме земјите од Западниот Балкан за интеграција во евроатланските институции. Претседателот Обама не оди таму, но тоа не значи дека се уште не сме фокусирани на регионот“, изјави Мари Харф, заменик портпарол на Стејт Департмент.

Вашингтон сака да види ново проширување на НАТО на самитот во септември, но сојузниците ќе носат одлука за евентуалните нови земји членки на крајот од јуни.

„Во врска со НАТО. Вратата на НАТО се уште останува отворена за сите европски демократии кои сакаат да се приклучат на Алијансата, ги делат истите принципи и сакаат да придонесат за стабилноста во регионот на Северноатланскиот сојуз. Ќе продолжиме да ги имаме овие дискусии. Проширувањето не е една од главните теми на самитот во 2014-та, но ние секако сме фокусирани на ова прашање“, објасни Харф.

Противракетниот штит во Полска ќе биде тема на разговор на американскиот претседател при посетата на Варшава, а ситуацијата во Украина ќе преовладува при посетата на Германија и на Франција.

Проширувањето на НАТО и ЕУ со земјите од Западниот Балкан ќе биде покренато од хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ на неговата средба со американскиот претседател и подпретседател, Барак Обама и Џо Бајден во Вашингтон идната недела.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ