Реакции

Реакции за одлуката на Уставен суд

31.03.2023 08:19

Бројни реакции по одлуката на Уставниот суд за укинување на членови од Законот, со што се овозможи зголемување на платите на функционерите. Шефот на државата бара да се стопира зголемувањето на платите на функционерите. Вицепремиерот Битиќи вели, законот е закон, мора да се почитува. Градоначалникот Муцунски најави дека покачувањето ќе го донира...

Бројни реакции по одлуката на Уставниот суд за укинување на членови од Законот за плата и надоместоци на функционерите. Со ова се овозможи зголемување на нивните плати за 78 отсто. За толку зголемени ќе ги земат платите наредниот месец. Со одлуката се опфатени и платите на уставните судии, на премиерот, претседателот, собранискиот спикер и сите вршители на јавни функции. Шефот на државата Пендаровски ја повика Владата да се најде законско решение со кое ќе се регулира прашањето преку намалување на бодовите.

„Сметам дека е невкусно во време на економска криза да се покачуваат платите кои се исплаќаат од државниот буџет“, вели претседателот Пендаровски.

„Закон е закон и мора да го почитуваме“, вели вицепремиерот Битиќи, за одлуката на уставните судии.

Реагираа и од Синдикатот на вработените во јавниот сектор. Велат, со месеци протестираме за покачувања од 2.000 денари, а функционерите, преку ноќ платите си ги зголемија за 80%. Дел од функционерите кои следниот месец треба да добијат повисоки плати, почнаа јавно да се откажуваат од покачувањето. Велат ќе ја донираат.

„Зголемувањето на платата, согласно одлуката на Уставниот суд во целост ќе го донирам за хуманитарни цели, семејства со ниски месечни примања и семејствата на уставобранителите. Имајќи ја предвид тешката економска и финансиска состојба во која живееме, почнувајќи од следниот месец разликата во платата ќе ја донирам за хуманитарни цели“, напиша на социјалните мрежи градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцункски.

Уставниот суд на седницата на 21-ви март ја донел одлуката со која укина член од Законот кој ја држеше основицата за пресметување на платите на функционерите на ниво од околу 26.000 денари. По одлуката на Судот, основицата скокна на над 46.000 денари, а со тоа и платите на функционерите.

 

Наташа Гркова Петрушевска