Македонија

Костадиновска-Стојчевска: „Пејзажно искуство“ е одговор на прашањето како преку уметноста светот да стане подобро место за живеење

31.03.2023 09:53

„Проектот „Пејзажно искуство“ е непосреден одговор од нашите етаблирани уметници Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска на постојаните промени во природата и општеството, што се печат на современото време“, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска...

Уметникот кој не провоцира ќе остане невидлив, а уметноста која не поттикнува емоции нема никаква смисла. Верувам дека и во овие непредвидливи времиња, кога светот се соочува со војни, пандемии или други видови кризи, уметноста е таа што дава одговори на не многу пријатни прашања, што коментира, критикува, опоменува, порачува – рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска вчера во Чифте амам на претставувањето на мултимедијалниот проект „Пејзажно искуство“, кој беше национален претставник на 59. Венециско биенале.

„Проектот „Пејзажно искуство“ е непосреден одговор од нашите етаблирани уметници Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска на постојаните промени во природата и општеството, што се печат на современото време. Тие бараат одговор на актуелните прашања за одговорноста на поединците кон планетата, кон другите луѓе и форми на живот, а овој проект е потврда дека уметноста и уметниците можат да ни укажат на проблемите и да ни помогнат да замислиме нови начини и нови бесконечни можности за светот да стане подобро место за живеење“,  рече министерката за култура.