Вработените од Министерството за култура шести ден на протест
Претседателот на Синдикалната организација на УПОЗ при Министерството за култура, Бранко Костовски за време на протестот денеска изјави дека платите на функционерите ќе бидат четири пати поголеми од платите на вработените во јавниот сектор.

Ние добивме леб од 33 денари, а министрите со плата од 1.800 евра ќе можат да си купат што сакаат – рекоа вработените од Министерството за култура кои шести ден протестираат пред владата и бараат зголемување на платата.
Претседателот на Синдикалната организација на УПОЗ при Министерството за култура, Бранко Костовски за време на протестот денеска изјави дека платите на функционерите ќе бидат четири пати поголеми од платите на вработените во јавниот сектор.
Очигледно во државата се уште во сила онаа народната „кучињата лаат, караванот си врви“. Па така, веќе е извесно дека именуваните функционери ќе си добијат покачување од 78 проценти или илустративно, еден министер ќе добива плата од 1.800 евра, а еден вработен во државна администрација ќе добива просечна плата од 400 евра, рече Костовски.
Како што посочи, доколку не добијат одговор деновиве, ќе се обратат и до други инстанци, до претставниците на меѓународната заедница, при што ќе побараат нивна поддршка.
Досега никој од надлежните не ги прими на разговор. Ги повикаа колегите од другите министерства да им се придружат заедно да се изборат за достоинствена плата.
