НАТО

Турција го одобри барањето, Финска влегува во НАТО

31.03.2023 12:24

Турција ја „крена рампата“ за прием на Финска во НАТО. Конечно и Анкара даде зелено светло-согласност за прием на оваа земја во Алијансата...

Турција даде согласност за прием на Финска во НАТО алијансата. Големо мнозинство во турскиот парламент гласаше „за“. Остануваат уште само неколку формалности по што Финска ќе стане 31-ва членка на НАТО.

„Резултатите од гласањето за предложената легислатива: број на гласови, 276. Број на гласови кои се за, 276. Ние, како големото Национално собрание на Турција и честитаме на земјата Финска и нејзиниот народ“, изјави Хајдар Акар, потпретседател на турскиот Парламент.

28 од вкупно 30 сегашни членки одлуката ја донесоа уште одамна, претпоследна тоа го направи Унгарија. За Финците, согласноста од Анкара доаѓа во посебен момент, со оглед што в недела во земјата се одржуваат парламентарни избори. Приемот на Шведска уште е оневозможен. Турција ја обвинува Шведска за недоволни напори во сузбивањето терористички организации.

Неодамна, Турција беше налутена од серија демонстрации во Шведска, вклучително и протест на антиисламски активист кој го запали куранот пред турската амбасада.

Вознемирени од руската инвазија на Украина, Финска и Шведска се пријавија да се приклучат на алијансата.

Турските власти рекоа дека за разлика од Шведска, Финска ги исполнила своите обврски од меморандумот потпишан минатата година според кој двете земји ветија дека ќе ги решат безбедносните грижи на Турција.

 

 

Марина Ристова