Волерс: Да го практикуваме волонтерството

09.05.2014 10:28

Дека волонтерството во развиените земји е секојдневна практика во разни дејности, потврди и доброволно ангажирање на американскиот амбасадор Пол Волерс и на неговата сопруга. Тие денеска во Велес заедно со градежните работници помагаа во изградбата на становите што ги финансира американската невладина организација Хабидат...

Да практикуваме волонтеризам, да работиме заедно во градењето на домови за семејства кои живеат во супстандардни услови, ова е пораката која од Велес ја испратија амбасадорот Пол Волерс, неговата сопруга и градоначалникот, Славчо Чадиев. Тие заедно со уште триесетина вработени во Американската амбасада  ѕидаа ѕидови во петтата зграда во населбата Хабидат.

„Среќна сум што сум тука,што можам да ги употребам моите вештини во редењето тули, што придонесувам некој во иднина тука за живее во подобри услови“, рече Мери  Џо Волерс, сопруга на американскиот амбасадор во Република Македонија

„Хабидат е организација  која прави добри згради за луѓе и се радувам што можеме и ние да бидеме од помош“, изјави амбасадорот Пол Волерс.

Американската невладина организација Хабидат е  носител на проектот за изградба на домови за семејства кои живеат во супстандардни услови. Од планираните 11 изградени,  вселени се четири. Од локалната самоуправа најавуваат наскоро решавање на проблемот со инфраструктура.

„Оној момент кога ќе заврши  со работењето на зградата ние пристапуваме кон решавањето на овој простор на кој се наоѓаме“, рече Славчо Чадиев, градоначалник на Велес.

За изградба на оваа зграда Хабидат планира да потроши околу 700 илјади долари. Семејствата кои ќе бдат идните сопственици треба да се кредитноспособни. Станот ќе го  отплаќаат во наредните 20 години, а цената за метар квадратен е околу  471 евро. Интересот е голем бидејки тука еден метар квадратен е за 20 проценти поевтин од становите во изградба на  комерцијалните компании. 

 

Дијана Иванова