Влада

Ковачевски: Добрососедството и забрзаната евроинтеграција се приоритет и за двете земји

31.03.2023 13:29

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска во Белград на прес-конференција ја истакна заложбата и силната политичка волја на нашата Влада за зајакнување и продлабочување на добрососедските и пријателски односи со Република Србија, во политички, економски и во сите други аспекти на соработка...

Премиерот во Белград ја предводи владината делегација во која се министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски, за економија Крешник Бектеши, за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, за транспорт и врски Благој Бочварски како и заменик министерот за информатичко општество и јавна администрација Александар Бајдевски. Ковачевски потенцираше дека фокусот на Владите мора да остане Европската Унија, бидејќи земјите од Западен Балкан таму припаѓаат.

„Европската ориентација на двете влади е нагласена, ние сме цврсто определени за заштита на интересите на нашите држави, реформски сме ориентирани, активно ангажирани во меѓународните односи, постојано подготвени да даваме придонес во меѓународната соработка во сите области. Токму затоа изминативе години целосно сме посветени на обезбедување на четирите европски слободи на регионот на Западен Балкан – активно учествуваме во повеќе сериозни и суштински регионални иницијативи како Берлинскиот процес, CEFTA, RYCO, RCC и други, со кои преземаме различни иницијативи за слободно движење на луѓе, производи, услуги и добра низ земјите од регионов. Токму затоа сме и иницијатори и активни чинители во иницијативата на Отворен Балкан која нашите граѓани отворено ја поздравија, а тоа за нас е огромна мотивација“, изјави премиерот.

Во рамки на официјалната посета беа потпишани неколку билатерални документи. Како што истакна Ковачевски, граѓаните и бизнис заедниците веќе ја чувствуваат користа од она што го понудија владите преку сите овие иницијативи.

Падна роамингот меѓу земјите од Западен Балкан, а од пред неколку месеци транспортните камиони на граничните премини Ќафасан и Табановце се движат со минимално време на чекање, како резултат на воспоставените зелени „Опен Балкан ленти“.

Премиерот истакна дека преку овие иницијативи, преку ваквите соработки, покажуваме дека сме просперитетен регион и дека фокусот на земјите од Западен Балкан е кон забрзување на европската интеграција и кон придонесување секоја од земјите што поскоро да стане членка на Европската Унија.