Ковачевски во Белград

Нема отворени прашања меѓу Македонија и Србија

31.03.2023 13:56

Премиерот Ковачевски во официјална посета на Србија. Пречекан со високи воени и државни почести. Македонија и Србија немаат отворени прашања, односите најдобри во современата историја. Премиерот Ковачевски на средби со државниот врв во Србија. Силна политичка волја за поголема економска и културна соработка...

Претседателот на Србија Александар Вучиќ по средбата со премиерот Димитар Ковачевски, на својот Инстаграм профил, наведе дека двајцата се согласиле дека односите меѓу двете земји се најдобри во современата историја.

„Се согласивме дека односите меѓу Република Србија и Република Северна Македонија се најдобри во современата историја. Продолжуваме да работиме заедно за доброто на нашите народи“, напиша Вучиќ.

Според соопштението по средбата, Вучиќ изјави дека во Србија и Северна Македонија постои силна политичка волја за натамошно зајакнување на соработката и предложи конкретни чекори на полето на трговијата, туризмот, културата и спортот.

„Премиерот Ковачевски истакна дека нема повеќе отворени прашања меѓу Србија и Северна Македонија и дека партнерството меѓу двете земји се пример за регионот. Тој додаде и дека трите документи, кои се потпишани за време на неговата посета на Белград, ќе дадат дополнителен поттик за зајакнување на соработката“, стои во соопштението.

Ковачевски и Вучиќ на средба  го потврдиле долгогодишното партнерство и пријателство на двете држави кое се отсликува преку постојаната взаемна поддршка за клучни прашања и предизвици за двете земји. Билатералните односи меѓу двете земји се карактеризираат со динамичен политички дијалог на високо ниво, економска соработка и трговска размена.

На средбата разговарано е и за регионалните иницијативи кои се можност за перспективи и уште поголемо унапредување на меѓусебната соработка. Целта на Отворен Балкан и Берлинскиот процес е регионален развој и побрза интеграција на единствениот европски пазар и во Европската Унија.

Премиерот Ковачевски и претседателот Вучиќ разменија мислења за политиката на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан и за динамиката на пристапните преговори на Северна Македонија и Србија.

 

Оливер Бранковиќ, допсиник од Белград за МРТ