Блокада на патот кон Бугарија, протестираат жителите на Страцин
Жители на кратовско село, заедно со мештани од Ранковце го блокираа магистралниот пат кон Бугарија. Тие се незадоволни бидејќи е пресечен споредниот пат поради изградбата на експресната сообраќајница Ранковце-Крива Паланка, и немаат пристап до земјиштата, домовите. За проблемот ги известиле надлежните, но засега не наишле на заеднички прифатливо решение...

Со земјоделска механизација и автомобили, жители на кратовското село Страцин, заедно со мештани на Кратово и Ранковце, го блокираа магистралниот пат кој води кон Бугарија. Накратко се паркираа на крстосницата Чатал, за да изразат револт поради пресечениот локален пат со изградбата на експресната сообраќајница Ранковце – Крива Паланка. Се пропуштаа само итни случаи. Велат поради прекин на споредниот пат целосно сме отсечени. Појаснуваат дека ги известиле надлежните, но засега нема заедничко решение. Понудено им било да се реши само сообраќајот на две маала.
„Меѓународниот пат кој води од Скопје кон Бугарија ни е пресечен на неколку места и немаме никаков начин да влеземе во сопствените ниви, да ги обработуваме“, вели еден жител.
„Имав проблем со продажба на јагниња, не може камионот да дојде до куќата. Купив магаре да носам жито, храна за стоката. Тој пат постоел 200 години и сега е пресечен, оставиле подвозник до него нема пристап“, дополнува друг.
„Имаме долу ниви кои не можеме да ги обработуваме, и имам 10 хектари блок не можам ниту со комбајн ниту со трактор“, нагласи трет.
Жителите на Страцин нагласуваат дека проблемот е голем, бидејќи тие не можат со земјоделска механизација да излегуваат на експресна сообраќајница за да поминат од едната на другата страна.
По неколку минутен застој на магистралниот пат Куманово-Крива Паланка жителите на Страцин и околните села одлучија механизацијата да ја тргнат на страна, протестот продолжи, но се пропуштаа возила и камиони.
Протестите ќе продолжат сè додека не се слушнат нивните барања, а најавуваат и правни постапки. Од Јавното претпријатие за државни патишта побаравме, но до започнување на дневникот не добивме одговор за овој проблем на жителите од североистокот.
Елена Георгиевска
