Потребна е акција за справување со корупцијата и влијанијата во судството
Неопходна е акција за справување со корупцијата и влијанијата во судството, констатирано на Денот на правосудството. Од Здружението на судиите тврдат дека процесот на справување со колегите огрешени пред законот е сложен и бара процедури. Јавниот обвинител Јовески им порача, наместо да зборуваат за нивната посветеност, најдобро е тоа да го покажат со нивното постапување во предметите...

За претседателката на судскиот совет Дамева, Националниот ден на правосудството е ден за празнување. За заменик- шефот на мисијата на Американската амбасада во земјава, Мејер, ова е ден за повик за итна акција во справувањето со корупцијата и влијанијата во судството. Дамева знае дека постојат судии кои не се отпорни на влијанија и чиј интегритет не е соодветен за столчето од каде треба да се правораздава, за да владее правото. Но, сѐ уште не ги именува.
Убедувањата дека ќе има целосна измена и реформа, треба да преминат на дело, порачаа од Американската амбасада. Со својот мисионер, Мејер, САД порачаа дека нивната фрустрација е голема поради немањето прогрес во борбата со корумпираните судии и обвинители во земјава.
Од Здружението на судиите тврдат дека процесот на справување со колегите огрешени пред законот е сложен и бара процедури.
Јавниот обвинител Јовески, со писмено обраќање апелираше до своите колеги - наместо да зборуваат за нивната посветеност, најдобро е да го покажат тоа со нивното постапување во предметите. Бидејќи како што вели- „довербата се заслужува кога делата се совпаѓаат со зборовите“.
Фиљана Кока
