Не стивнуваат реакциите по најавата за зголемување на платите на функционерите
По одлуката на Уставниот суд за зголемување на платите на функционерите, низа реакции во јавноста. Од Владата се согласни дека раст треба да има, веќе во опција е корекција на коефициентите за негово пресметување. Синдикатите со поголем револт. Од култура шести ден бараат зголемување на месечните примања. Со став дека платите на министрите ќе бидат четири пати поголеми од вработените во јавниот сектор. Ги повикаат колегите од другите министерства да им се придружат. Од ВМРО-ДПМНЕ велат-функционерите не смеат да бидат граѓани од посебен ред...
Ние добивме леб од 33 денари, а министрите со плата од 1.800 евра ќе можат да си купат што сакаат – рекоа вработените од Министерството за култура кои шести ден протестираат пред Владата и бараат зголемување на платата. Досега никој од надлежните не ги прими на разговор. Ги повикаа колегите од другите министерства да им се придружат заедно да се изборат за достоинствени примања.
„Еден министер ќе добива плата од 1.800 евра, а еден вработен во државна администрација ќе добива просечна плата од 400 евра. Платите на министрите ќе бидат четири пати поголеми од вработените во јавниот сектор“, рече Бранко Костовски, претседателот на синдикалната организација на УПОЗ при Министерството за култура.
„Ако веќе функционерите можат да добијат покачување на платите од 78 отсто, можеме и ние барем за 30 отсто. Останавме држава со највисока инфлација и со најниски плати. Останавме држава каде очигледно е дека нашиот работодавач, владата и министерствата, не се секираат за вработените туку само за нивниот џеб“, вели Трпе Деаноски, претседател на синдикатот на УПОЗ.
600 илјади граѓани живеат со 150 денари на ден. Во услови на економска криза, енормна инфлација и сиромаштија, последна работа што треба да се направи е да се зголемат платите на функционерите – велат од опозицијата.
„ВМРО-ДПМНЕ бара веднаш да се намали и коригира коефициентот за сложеност на работното место со што би се намалиле платите на функционерите. Функционерите не смеат да бидат граѓани од посебен ред, туку слуги на народот“, рече Марија Митева, ВМРО – ДПМНЕ.
Градоначалникот на општина центар вели, доколку има зголемување на платите ќе ја донира за социјално-загрозените семејства.
„Јас лично како градоначалник континуирано во текот на месецот донирам за социјално загрозени семејства, доколку има покачување, дека од покачувањето, поголемиот дел од покачувањето ќе го дадеме за социјално загрозени семејства во општината“, изјави Горан Герасимовски, градоначалник на Општина Центар.
Секој сака поголема плата, ама политичарите треба да бидат последните на листата за зголемување – вели министерот Османи. Не слушнал за одлуката на Уставниот суд и не ги знае деталите, но од етички аспект додава дека први на ред за зголемување треба да бидат граѓаните кои земаат минимална и просечна плата.
„Да треба затоа што се скандалозно мали, меѓутоа треба да бидат последни на листата откако на сите ќе им се зголемат тогаш на политичарите-тоа е од етички аспект. Од практичен аспект е демагогија секој којшто ќе каже дека не му е важна платата во овие тешки времиња за сите граѓани“, изјави Бујар Османи, министер за надворешни работи.
Османи вели, за оваа одлука ќе се расправа на седница на владата, а тој ќе предложи сите да добијат зголемена плата, но предност пред политичарите да имаат граѓаните.
Во јавноста има многубројни реакции по одлуката на Уставниот суд со која се укинуваат членови во Законот за плати и на овој начин функционерите ќе имаат зголемена плата до 78 насто. Со одлуката се опфатени и платите на уставните судии, на премиерот, претседателот, собранискиот спикер и сите вршители на јавни функции.
Андријана Ѓурческа