Замрзнати цени

Намалувањето на цените не се чувствува врз семејниот буџет

01.04.2023 13:44

Од денеска замрзнати цените за 13 насто на тоалетната хартија, влажните марамчиња, пелените и хигиенските влошки. Граѓаните што ги праша МТВ велат дека намалувањето не се чувствува врз семејниот буџет. Во почетокот на идната недела ќе биде познато за кои овошја и зеленчуци ќе се замрзне цената.

Почна примената на владината одлука со која за 13 насто се намалуваат и се замрзнуваат цените на тоалетната хартија, хигиенските влошки, влажните марамчиња и пелените за деца и возрасни.

Сепак, по флуктуацијата на цените, честото менување и драстичното зголемување, најголем дел од граѓаните не можат да фатат ред, други сметаат дека е мало намалувањето, а има и такви кои се револтирани со ваквите намалувања поради најавата за покачување на функционерските плати.

Одлуката за замрзнување на цените на хигиенските производи беше донесена минатата недела, а ќе биде во сила, како што најави министерот за економија Крешник Бектеши, до 31 мај 2023 година. Не се исклучува и продолжување на мерката. Во почетокот на идната недела одлука и за замрзнување на цените на овошјето и зеленчукот.

Претходно во неколку бранови беа намалени цените на лебот, тестенините, дел од млечните производи и јајцата.

Катерина Топалова