Регион

Вонредни парламентарни избори во Бугарија, петти по ред за две години

02.04.2023 10:10

Во Бугарија вонредни парламентарни избори, петти по ред за две години. Според последните анкети, ГЕРБ на Бојко Борисов и Продолжуваме со промената на Петков, речиси изедначени. Во фокусот на изборната кампања и на двете партии беа односите Софија-Скопје…

Бугарија на петти вонредни избори за помалку од две години. На територијата на државата се гласа на 12.000 локации. Во 9.366 од нив има можност за машинско гласање. Гласачите се надеваат дека новоизбраниот парламент ќе формира стабилна влада која ќе почне да ги решава наталожените проблеми во земјата, инфлацијата, безбедноста, реформите во важните сектори како правосудството, здравството.

„Најверојатно овој пат работите ќе се повторат, веројатно ќе треба повторно да одиме на парламентарни избори наесен. Но, ова мора да заврши во одреден момент“, изјави Маријан Петков-член на изборна комисија.

„Јас сум скептик за иднината на Бугарија, бидејќи можете да видите каков хаос резултира – како закон на физиката-хаосот постојано се зголемува. Истото се случува и во Бугарија“, рече Иван Порталски, гласач.

Според предизборните анкети, пет политички партии ќе влезат во идниот парламент на Бугарија, при што двете најсилни политички сили – Коалицијата ГЕРБ-СДС на некогашниот премиер Бојко Борисов и Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија која беше главниот фактор во последната коалициска влада на Бугарија, се речиси изедначени во изборните шанси. Претседателот на ГЕРБ, Бојко Борисов ќе се соочи со гласачите на ривалот Кирил Петков од Продолжуваме со промените. Во фокусот на изборната кампања и на двете партии беа односите на Софија со Скопје.

„Многу работи треба да се направат во државата. Очекувам поголема излезност на гласачите, ова е демократскиот начин народот да покаже како сака да биде управуван. По петти пат се собираме да го кажеме истото. Најлошото сценарио е да не се формира владејачко мнозинство. Ако нема мнозинство, државата директно ќе банкротира, бидејќи нема да може да се подготви буџет“, изјави лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов.

„Гласав за нормален европски живот, да имаме нормална европска влада, нормални европски патишта, нормално европско здравство, нормално европско образование. Јас всушност гласав затоа што сфаќам дека нема спасител и дека сè зависи од нас“, рече Кирил Петков, лидер на Продолжуваме со промената.

Распределбата на силите во парламентот по претходните четири изборни циклуси беше таква што ниту една партија не можеше да обезбеди мнозинство, да состави коалиција, а со тоа ниту да формира стабилна влада.

Маријана Димовска