Македонија

Геотермалните води во Штип и Кочани не се доволно искористени

02.04.2023 11:02

Кочанскиот и штипскиот регион располага со големи количини на термални води кои недоволно се користат за добивање геотермална енергија, но и за развој на бањскиот туризам. И покрај природниот потенцијал, најави за големи проекти во оваа област сè уште нема…

Штип и Кочани располагаат со геотермални води, но нивната искористеност е далеку под потенцијалот кој го имаат. Во Кочани геотермалната вода се користи само за загревање, нема спа центри, нема бањи или лекувалишта. Со температура од 75 степени и капацитет од 300 литри во секунда, се загреваат три оранжерии, три училишта и неколку компании. Јавното претпријатие кое стопанисува со геотермалната вода работи со загуба заради тоа што цената на концесијата порасна, а Советот на Кочани не даде согласност за поскапување на цената за корисниците.

Во Штип нема загуби од термалните води, но нема ниту поголема добивка. Со температура од 60 степени истекуваат седум литри во секунда. Една од најлековитите води во регионот се користи за физикалната терапија и за хигиена. Просечната посетеност на бања Кежовица е околу сто лица дневно.

Општинските власти и во Штип и во Кочани во минатото најавуваа проекти за развој на бањски туризам и искористување на водата како енергенс, но поголем исчекор до сега не е направен.

Славица Величковска