Успешен настап на Националната опера и балет во Народниот театар во Белград со „Севилскиот бербер“
Белградската публика со повеќекратен аплауз и пријатно изненадени го поздравија настапот на ансамблот, а сите билети веднаш беа распродадени.

Ансамблот на Националната опера и балет на Големата сцена на Народниот театар во Белград, гостуваше со најпознатата опера на Џоакино Росини „Севилскиот бербер“, која беше изведена под режисерската палка на Иван Еминовиќ, а во режија на Урсула Хорнер.
Белградската публика со повеќекратен аплауз и пријатно изненадени го поздравија настапот на ансамблот, а сите билети веднаш беа распродадени.
„Розина е ведра и умна девојка и нејзиниот карактер е доста темпераментен, која се бори да победи љубовта кон Грофот Алмавива, но е заробена од нејзиниот тутор Дон Базило кој е посесивен кон неа. Така што, ова гостување за мене претставува една посебна чест и задоволство да ја претставувам нашата земја во Белград и ја поздравувам оваа соработка во рамките на Отворен Балкан, која нуди соработка и слободен проток на идеи преку која културата ќе оди напред и ќе добие една нова димензија, да не само ние како уметници и целата култура на нашите народи биде на многу повисоко ниво“, изјави Биљана Јосифов.
Операта е работена според делото на Пјер Бомарше „Трилогијата на Фигаро“, во чиј фокус е приказната за љубовта, парите, заблудите и измамите
„Овде во Белград настапувам по вторпат, за прв пат настапив во Скопје и таму еве и овде во Белград пријатно сум изненаден што сите билети беа распродадени и се надевам дека нема да ја разочарам Белградската публика“, рече Васко Здравков кој ја игра улогата на Фигаро.
Покрај нив на сцената настапија и Благоја Нацоски (Гроф Алмавива), Владимир Саздовски (Дон Базилио), Невен Силјановски (Дон Бартоло), Соња Пендовска Мадевска (Берта). Гостувањето се реализираше во рамките на платформата Театар Отворен Балкан.
„Соработката продолжува на најдобар начин со вечерашното гостување на македонската Национална опера и балет со Севилскиот берберин во Народниот театар во Белград и многу се радувам на оваа проекција и знам дека таа е одлична. Театарот Отворен Балкан сега е формализиран, но соработката на нашите театри постои одамна. Уметноста е повеќевременска и таа трае. Билетите за оваа претстава беа распродадени веднаш, што е потстрек соработката да ја продолжиме уште долго време“, нагласи Никола Мијаиловиќ, уметнички директор на Операта на Народен театар-Белград.
Станува збор за стратешка културна соработка помеѓу Народниот театар од Белград, Националната опера и балет на Скопје, Националната опера и балет од Тирана во областа на драмата, операта и балетот.
„Се договоривме за соработка преку размена на диригенти, оперски и балетски солисти, костимографија, сценографија, гостувања, копродукциски проекти и по потпишување на договорот за соработка во ноември ни гостуваше балетот од Народниот театар во Белград со нашиот оркестар, а вечерва гостуваме со Севилскиот бербер со комплетна солистичка наша екипа и со нашиот хор и оркестарот и нашиот диригент Иван Еминовиќ. Ова размена и претставување на културните институции многу ни значи“, нагласи Васо Ристов, директор на Националната опера и балет.
Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ
